Денес започна второто полугодие и во најголемото основно училиште во општина Кичево, ОУ „Санде Штерјоски“, каде настава на три наставни јазика следат 1 448 ученика од 1-во до 9-то одделение. И на првиот училишен ден од второто полугодие, сите ученици кои ја следат наставата со физичко присуство беа во училишните клупи. И понатаму се почитуваат протоколите од растојание помеѓу клупите во училниците и без групирање за време на одморите, како и при доаѓање и заминување од училиште.
Сепак и понатаму е присутен еден проблем кај дел од учениците, бидејќи поради немање соодветно помагало-компјутер, наставата не можат да ја следат онлајн и за овие ученици се печати материјал од страна на предметните наставници, кој овие ученици два до три пати во неделата го добиваат во самото училиште, за да можат да бидат во чекор со наставата, што ни го потврди и директорот, Јонуз Пињоли.
– И во второто полугодие бројот на отсуства во првиот училишен ден е занемарливо и наставата започна според програмата зацртана за овој дел од учебната година. Во нашето училиште настава со физичко присуство следат 448 ученика од 1-во до 3-то одделение, додека 1 000 ученици од 4-то до 9-то одделение наставата ја следат онлајн. Сепак и во второто полугодие наидовме на истиот проблем кај дел од учениците што ја следат наставата онлајн, бидејќи немаат соодветно помагало за да се вклучат во наставата од дома. Така за околу 60 ученика кои не поседуваат компјутер, се изготвуваат материјали од страна на наставниците, кои потоа во два -три наврати во текот на неделата им се делат на учениците, за да можат тековно да бидат во чекор со она што го следат нивните соученици при онлајн наставата. Потоа овие ученици ќе бидат испрашувани по што ќе бидат и соодветно оценети – истакна Јонуз Пињоли, директорот на ова училиште, во кое наставата се одвива во три училишни згради во градот.
З.А.