KИЧЕВО
Пандемијата на ковид-19 значеше и целосен застој на прометот кај трговците во кичевската чаршија. Најголем удар почувствуваа сопствениците на продавниците за чевли, пластичарите, златарниците, цвеќарниците, а за разлика од нив проблеми немаа сопствениците на аптеките и на маркети. Драстичниот пад на прометот беше директно поврзан и со недоаѓањето на печалбарите од овој регион изминатото лето, но враќањето на гастарбајтерите, во помал број, во текот на декември и дел од јануари, делумно ја поправи состојбата и барем накратко трговците имаа корист.
– Јавна тајна е дека без парите на печалбарите не можеме да сметаме на добар промет. Тоа ни се случи во текот на летото, кога гастарбајтерите не се вратија во земјата, а прометот беше катастрофален. За наша утеха, помал дел печалбари се вратија во земјава околу Нова година и тоа даде одреден придонес прометот да се зголеми, што накратко ни го врати кислородот за подобро да дишеме во овие неколку месеци. Очекуваме кризата со пандемијата да попушти и луѓето да бидат порелаксирани и повеќе да пазарат, а не како досега, никому да не му е до пазарење – вели Енсун Туфекџи, трговец од Кичево.
Сепак, според златарот Шоип Р, и овој промет за одредени категории трговци е премал, бидејќи располагаат со големи количества стока, која очекуваат да се ефектуира во многу пократок рок, што во последната година не е случај.
-Замислете повеќе од 12 месеци да не можете да ја свртите стоката. Тогаш и нашата работа станува бесмислена. Без поголема резерва нема ни добар асортиман, а без богата понуда, нема добар промет – рече тој.
Еден од трговците, кој сакаше да остане анонимен, рече дека секоја втора недела се затвора по еден дуќан.
– Кој би го затворил дуќанот ако има добар промет? Овие луѓе што ги гледате како шеткаат низ чаршијата се претежно пензионери, кои го трошат времето за да им помине денот. Излезете утре и повторно ќе ги забележите истите луѓе и така состојбата не се менува со месеци. Тоа е знак дека допрва ќе гледате нови катанци и на дуќани што сѐ уште се отворени – вели тој.
Занаетчиите се во најлоша состојба, бидејќи работа нема ни за лек, а работилниците се отворени колку да не ги менуваат навиките.