Министерството за информатичко општество и администрација, продолжи со организација на повеќе настани во областа на дигитализацијата.
Во Тетово се одржа втората јавна трибина на тема „Дигитализација на јавните услуги“, на која се обратија министерот Дамјан Манчевски и градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, потоа професорот Азир Алиу како претставник на академската заедница и Бобан Милосавлески од бизнис заедницата.
На трибината се зборуваше за дигитализацијата на земјата, како и за нејзината улога во професионализaцијата на јавната администрација.
Според Манчевски, целта на овие јавни трибини е покрај граѓаните, исто така и институциите да бидат запознаени со сите можности во однос на електронските услуги.
– Денеска имаме 128 електронски услуги кои ги нудиме од кои 70 беа постоечки но ги интегриравме на едно место на uslugi.gov.mk а 58 се нови и оваа бројка ќе расте – рече министерот Манчевски.
Министерот се осврна на проектите на МИОА во однос на дигитализацијата и процесот што водеше до електронските услуги. Посебен фокус беше ставен на Националниот портал за електронски услуги како електронска платформа достапна на uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните им се овозможува да добијат информации за јавните услуги и да користат е-услуги од надлежни органи, значително олеснувајќи го административниот процес.
Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи од своја страна рече дека проектите за дигитализација треба да се користат што е можно повеќе, оценувајќи дека тие се многу значајни за локалната самоуправа.
На трибината говореше и професорот Азир Алиу од Факултетот за современи науки и технологии, кој меѓу другото се осврна на дигитализацијата како неопходност во наставниот процес но и современото живеење.
Бобан Милосавлески, од компанијата Алтиус Солушнс, се осврна на придобивките од е-услугите, особено во однос на бизнис заедницата, како и нивните искуства во таа насока .
На денешната втора јавна трибина се обрати и Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети кој ги поздрави присутните. Тој исто така се осврна на дигитализацијата како неопхопдност и придобивките од овој процес.
Инаку денеска беше отворен и регистрациониот пулт, во рамки на општина Тетово, каде што граѓаните кои нема да можат сами да се регистрираат на порталот за е-услуги, тоа ќе можат да го направат со помош на овластено службено лице.