Во Струмица денеска почна изградбата на регионален стационар за кучиња бездомници.
Објектот е лоциран во близина на Пречистителната станица, а неговата изградба чини 10 милиони денари. Средствата се обезбедени од Бирото за регионален развој, дел од општината, а инвеститор е Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
На почетокот на градежните работи присуствуваше градоначалникот на Струмица и претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот регион, Коста Јаневски. Истакна дека на проблемот со кучињата скитници граѓаните укажуваат подолго време и оти Струмица е прва од општините во регионот која почнува со изградба на стационар.
– Решаваме еден горлив проблем на нашата општина-изградба на стационар за бездомни животни. Во овој проект се вклучени и другите општини од регионот и самиот проект вклучува два дела-едниот ќе се гради на територијата на општина Струмица, другиот ќе биде во Гевгелија. Со тоа ќе се реши еден важен проблем не само во нашата општина, туку и во целиот Југоисточен плански регион – рече градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Според директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, стационарот е пример каде сите десет општини во планскиот регион се вклучија во решавањето на овој навистина горлив проблем на хуман начин.
– Средставата за комплетно опремување во висина од два милиони денари се од УНДП за двата стационари во Струмица и Гевгелија. Во моментот се работи на подготовка на студија да се изнајде најдобриот модел, со кои овие стационари ќе ги направи одржливи и ке се знае дали ќе бидат јавно приватно партнерство, како регионално претпријатие или ќе бидат во рамките на комуналните претпријатија – рече директорката Ѓуркова.
Во Стационарот во Струмица ќе има 40 боксови за кучиња, но не се планира подолго задржување на животните.
Инаку. тука ќе се згрижуваат кучиња скитници од општините Струмица, Радовиш, Босилово, Ново Село, Василево и Конче.