Фото: Игор Бансколиев

ПРИЛЕП

Дури 76 отсто од земјоделците во земјава имаат е-адреса, над 92 отсто имаат стабилна интернет-врска во своето место на живеење, а 185 од испитаниците, освен паметен телефон имаат и друг компјутерски уред. Но она што е загрижувачки е дека најчесто ваквите е-адреси не ги користат, не си ги знаат лозинките и тоа честопати им предизвикува проблеми во комуникацијата со институциите. Поради тоа дури 64 отсто од нив претпочитаат комуникација и вадење документи на шалтер, а ниска е и довербата во електронските документи, односно само 35 отсто од испитаниците му веруваат целосно на системот. Повеќе од половината од испитаниците, односно над 52 отсто не го препознаваат порталот www.uslugi.gov.mk, а и од тие што имаат информација за него, само 18 отсто успеале да го отворат и да побараат одредена услуга електронски, и тоа најчесто со поддршка на помладите членови семејството или, пак, со поддршка на вработените во институциите. Ова го истакнуваат надлежните од проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“.
Лилјана Јоноски и Елизабета Ристеска-Мрческа како главни истражувачки во проектот, во кој е вклучена и НВО „Рурална коалиција“, дел од регионалната мрежа Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда (ИЦЕДА), велат дека во истражувањето биле опфатени 246 испитаници од руралните средини, и тоа 122 жени и 124 мажи од шест плански региони (Југозападен, Југоисточен, Источен, Североисточен, Полошки и Пелагонски).

Дејан Гичев, пак, еден од раководителите на ПЕ во Министерството за земјоделство, смета дека локалното население и земјоделците сѐ уште се далеку од овие процеси и вработените во институциите се тие што сѐ уште им ги пополнуваат документите, ги упатуваат во различните институции, им аплицираат електронски за субвенции. Но со оглед на тоа што кога станува збор за рокови сите го чекаат последниот ден, ваквиот притисок честопати станува преголем и кај самите вработени, па често се прават и грешки.
Ранкиа Божиноска, советничка во Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, смета дека премногу е ниско нивото на дигитална писменост кај земјоделците и единствено од интернет што користат се социјалните мрежи и групи преку кои најчесто комуницираат, разменуваат искуства околу производствениот процес и толку.
– Кога станува збор за аплицирањето електронски, иако им се нуди како опција од страна на советниците, сепак кај земјоделците сѐ уште преовладува ставот дека не веруваат во електронските документи, дека тоа е премногу сложен процес за нив, а од друга страна, пак, честопати губат цели денови и едвај стигнуваат навреме да ги поднесат апликациите за финансиска поддршка поради одење од шалтер на шалтер – вели Божиноска.
Главните препораки произлезени од истражувањето се дека треба да се работи на терен со земјоделците, и тоа чекор по чекор, започнувајќи од зголемување на нивото на дигиталната писменост, воведување на е-услугите како единствен начин на комуницирање со институциите каде што е возможно и јакнење на свеста кај локалното население за потребата од активно вклучување во процесите на дигитализација што им штеди време, средства, но им дава во исто време и целосен преглед на случувањата во секторот земјоделство и рурален развој, со таа напомена ваквите активности да се спроведуваат на лесен, едноставен и разбирлив јазик за руралното население.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Дигитализација во земјоделството – СЕГА“, финансиран како подгрант во рамките на проектот Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда (ИЦЕДА), кој го спроведуваат фондацијата „Метаморфозис“ – (Северна Македонија), Академијата за е-владеење – (Естонија), „Левизја Мјафт!“ – (Албанија), Центарот на истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) – (Србија), НВО „35 мм“ – (Црна Гора) и Отворени податоци Косово (ОДК) – (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.