Во Прилеп денеска се одбележува христијанскиот празник Голем или Источен Петок – Балаклија, којшто се слави секоја година на првиот петок после Христовото Воскресение – Велигден.
Утрово во манастирот Ав. Архангел Михаил во Варош се одржа Божествена литургија, на која беше присутен и градоначалникот Илија Јованоски, кој на сите верници им го честиташе денешниот ден и им посака многу здравје, успех и среќа. Денеска е семејна слава на прилепчани кои живеат во населбата Варош, па многумина пречекуваат гости.
Инаку, според преданието на православната црква на овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него.
Христијаните си спомнуваат и за многуте чуда што се случиле во тој храм посветен на Богородица. И во манастирот „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа извор за кого христијаните веруваат дека има лековита вода. Токму поради овој извор денеска доаѓаат посетители од цела Македонија за да се измијат и напијат вода од изворот.
Ка.М.