Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп денеска одбележува 100-годишнa од раѓањето на патронот, народниот херој Борка Талески. Утринава делегација од Библиотеката положи свежи цвеќиња и се поклони пред бистата на народниот херој и пред спомен обележјето во месноста Чашка.
Во холот на Библиотеката, по повод 100 години од раѓањето на Талески, Сојузот на филателистите на Македонија, ја претстави поштенската марка со ликот на народниот херој Борка Талески, во рамките на проектот „Седум народни херои“ и две колекции.
Во соработка со АД Пошта на Македонија, на денот на раѓањето на Борка Талески, еднодневно ќе биде во употреба и поштенски печат со неговиот лик.
Претседателот на ИО на Сојузот на филателистите на Македонија Димитар Горчев рече дека е редок случајот во една година да се одбележуваат 100 години од раѓањето на седум народни херои.
– Проектот се состои од издавање специјални пригодни пликоа, посветени, секое посебно, на народните херои. Поштата направи седум пригодни печати кои се на еднодневна употреба во родните места на хероите. Во овој случај, ова е втора промоција на плико. Првата беше на 4 јули за генералот Васко Карангелески. Се одржа во домот на АРМ во Скопје. Притоа, освен пликовите кои се со печат од Прилеп, носиме и две интересни колекции. Едната е „Народните востанија во Југославија 1941 година“ и втората е „Врховниот командант Јосип Броз Тито“. Тоа се колекции собирани 50-60 години, сопственост на филателистот Георгиев – изјави Ѓорчев.
Активностите за одбележување на 100 години од раѓањето на Борка Талески
продолжуваат вечерва. Од 20 часот ќе се одржи пригодна програма со која ќе
се потсети на ликот и делото на Борка Талески. Ка.М.