Почит и цвеќе за паднатите борци
Со полагање на цвеќиња на Могилата на непобедените, на Алејата на
народните херои, на спомен обележјата на првиот претседател на Президиумот
на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на Кузман Јосифоски Питу и на Жена
борец, денеска во Прилеп, делагации од Владата, од Армијата, пратеници, од
Општина Прилеп, Сојузот на Борци, од политички партии го одбележаа 11-ти
октомври – Денот на вооруженото востание.
При тоа беше посочено дека Прилеп е град херој, кој ја негува
традицијата за почит. Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров, потенцираше дека му е драго што оддава почит во името на
Владата.
– Државноста ја имаме, обезбедена е. Стабилна е бидејќи сме дел од
НАТО. Следна задача ни е европскиот начин начин на живот да го донесеме
тука преку пристапниот процес со ЕУ. Да го имаме стандардот, платите, редот,
правдата, образованието, здравствениот систем, животниот стандард. Да го
употребиме аманетот на предците, да искористиме нашата држава да ја
направиме силна и богата, успешна и просперитетна, ете тоа е нашата задача
на оваа генерација – рече Димитров на Могилата на непобедените.
Според градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, долговековниот сон
на македонскиот народ за самостојна држава е остварен.
– Аманетот добиен од борците даден со нивниот живот имаме обврска
оваа генерација да го продолжиме на најдобар начин. Оваа генерација има
крупен исчекор со зачленувањето во НАТО со што е обезбедена сигурноста и
безбедноста. Сигурен сум дека до крајот на годината ќе добиеме и датум за
преговори – посочи градоначалникот Јованоски, истакнувајќи дека работат на
проект за реконструкција на десетте бисти и поставување на нови пет бисти на
народните херои.
Инаку, во Втората светска војна, од Прилеп и прилепско, имало 8.000
учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Од вкупно 66 Народни
херои од Македонија, 15 борци од Прилеп и прилепско се прогласени за
Народни херои.
Ка.М.