Со положување свежо цвеќе на Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата, општина Прилеп и Амбасадата на Руската Федерација ја одбележа 74 годишнината од победата над фашизмот и 69 годишнината од Денот на Европа.

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски истакна дека сеќавајќи се на 9-ти Мај 1945 година, не смееме да доволиме да се повтори ново крвопролевање како она од Втората светска војна, кога животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе.

-Се сеќаваме на сите оние борци кои што ги изгубиле животите и кои придонесоа да ја имаме денешната слобода. Како ние, така и младите генерации за кои во иднина треба да обезбедиме подобар живот. Во оваа прилика сакам да потенцирам дека како и досега, Општина Прилеп и годинава овој ден го чествува заедно со Руската Федерација, затоа што овој датум е длабоко врежан во срцата на сите наши граѓани. Исто така, денеска го славиме и Денот на Европа, бидејќи на денешен ден во 1950 година е донесена „Шумановата декларација“, што претставува основа за основањето на Европската заедница, денешната Европска унија. Денеска се навршуваат и 75 години од херојската смрт на народните херои Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, кои загинаа на денешен ден во 1944 година, изјави градоначалникот Јованоски.

Заблагодарувајќи и’ се на општина Прилеп за денешното одбележување на овој значаен датум, Алексеј Кривошев, Втор секретар на Амбасадата на Руската Федерација, рече дека начинот на кој во Прилеп и Македонија се прославува 9-ти Мај, ја покажува неговата големина и важност.

-Можам да кажам дека ако 9-ти Мај на овој начин се прославува секоја година, тоа значи дека никогаш нема да се заборави тој подвиг на борците кои ги дале своите животи на олтарот на победата над фашизмот. Секое име кое го гледаме на овој споменик, е како зрак на светлината за слободната иднина. Животот оди напред, но никогаш не се заборава подвигот на тие борци. Слава им за сите времиња, потенцираше Кривошев.

Покрај градоначалникот Јованоски и претставниците на Руската Федерација, во чест на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, цвеќе на Могилата на непобедените положија и претставници на Армијата, на Советот на општина Прилеп, Сојузот на борци, Сојузот на здруженија за македонско руско пријателство, а ученици од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ изведоа пригодна програма.

Ка.М.