Прилеп
Во Прилеп во полн ек е реконструкцијата на булеварот Гоце Делчев. Првата делница од сообраќајницата е веќе завршена. На потегот откај раскрсницата на споменикот „Карпалак“, па до поранешната градска кафеана е поставен нов асфалт, асфалтирани се велосипедските патеки од двете страни, поставени се ново осветлувања и урбана опрема, а пешачкиот дел е уреден со жардиниери.
Бидејќи активностите се изведуваат со полн интензитет, деновиве почна и реконструкцијата на втората делница на булеварот, која ќе оди до раскрсницата кај центарот за култура „Марко Цепенков“.
– За реконструкцијата на булеварот ќе се потрошат еден милион евра, а комплетно треба да биде завршен до крајот на градежната сезона о истакнуваат од општината.
Оттаму појаснуваат дека паралелно се врши комплетна реконструкција на улицата Прилепски бранители, од некогашната Градска кафеана до кружниот тек пред прилепската подружница на поштата.
Со реконструкцијата, булеварот Гоце Делчев ќе добие четири коловозни ленти, по две во двете насоки, тротоари со гранитни плочки, велосипедски патеки и дактилни патеки за слепите лица, ново осветлување, како и хоризонтална светлечка сообраќајна сигнализација на долниот дел од пешачките зебри.
Паралелно се привршува со асфалтирање на улиците низ градот, предвидени со програмата за инфраструктурни зафати. До крајот на сезоната е предвидено да се асфалтираат околу 25 километри улици, за што од буџетот ќе бидат потрошени повеќе милиони денари.