Општината Пехчево ќе ја уредува патната инфраструктура во селата Робово и Умлена. За таа цел веќе потпиша договор со фирмата „Сандра инженеринг“ ДООЕЛ Скопје, но и за доградба на трпезарија на детската градинка „7 Септември“ во Пехчево. Од локалната самоуправа велат дека договорот за реконструкција на улиците во овие населени места е само продолжение на реализација на општинската програма за уредување на патната инфраструктура во руралните средини.
Градоначалникот на општината Пехчево истакнува дека се работи за реконструкција на улицата број 1 и улицата број 2 во селото Робово и улицата број 1 и улицата број 2 во селото Умлена, во должина од 750 метри и ширина на коловозот на улиците од по три метри.
– Во изминатиот период инвестиравме на повеќе начини, но по барање од месното население деновиве ќе започнуваме со изградба на улици во селото Умлена и во селото Робово. Граѓаните што живеат тука, но и тие што поминуваат, отсега ќе го прават тоа по уредени улици. Општината Пехчево, благодарение на добро изработените проекти, конкурираше и доби повеќе проекти што се во интерес на жителите на нашата општина. Одобрени ни се средства во вредност од 5.877.681 денар за реконструкција на четирите улици во овие две села и за доградба на трпезаријата во градинката. Со гордост можам да истакнам дека локалната самоуправа полека ги решава сите барања и потреби на граѓаните од нашата општина – истакнува градоначалникот на општината Пехчево Драган Тренчовски.
Долгорочно подобрување на улиците преку зголемување на техничкиот век на асфалтната површина, зголемената безбедност во сообраќајот, подобрување на сообраќајната поврзаност и комуникација, обезбедување сигурност на пешаците. Заедно со подобрувањето и обезбедувањето на условите на децата во градинката се главни цели, истакнуваат од локалната самоуправа.
– Имплементацијата на овие проекти за реконструкција на улиците сметаме дека е највисок стратегиски приоритет и ќе придонесе за остварување на стратегиските цели од областа на инфраструктурата во општината. Со тоа ќе се намалат трошоците за постојните поправки на улиците, односно санација на дупките, а истите тие ќе ги пренамениме за други комунални услуги – додава Тренчовски.
Средства за овој проект се обезбедени преку Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП 2), финансиран со заем од Светската банка.