фото: Зоран Антоски

Во општина Пласница во предвидениот рок нема ниеден кандидат што собра 100 потписи од месните жители за да се кандидира за градоначалник на претстојните предвремени локални избори, што ќе се одржат на 13 декември.

Сега останува да се почекаат кандидатурите за градоначалник на преставниците на политичките партии што ќе трае до 7 ноември, кога завршува пријавувањето.

– Како што се очекуваше во општина Планица за претстојните предвремени локални избори нема да има независни кандидати за градоначалник, кои ќе ја бараат градоначалничката фотелја и останува да почекаме до 7 ноември, до кога ќе можат да се поднесат кандидатури на членови на политичките партии. Нема сомневање дека политичките партии ќе истакнат свои кандидати. За овие избори во нашата општина право на глас имаат 5051 граѓанин од четири села, кои може да гласаат на 9 избирачки места – истакна Едисен Зекироски, претседател на ОИК за општина Пласница.

Инаку по разрешувањето на Исмаил Јахоски на 4 август, со одлука на Советот на општината, на местото в.д. градоначалник поставен е Елсан Нурчески, кој оваа функција ќе ја обавува до изборот на новиот градоначалник на предвремените избори на 13 декември.
З.А.