Во Новаци, во присуство на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денес е отворена новата детска градинка „Бамби“, со капацитет од 50 легла.
– Отворањето на детски градинки во секое катче на државата останува наш приоритет и исполнување на изборното ветување на оваа Влада вградено во владината програма – изјави Шахпаска, која откако изрази големо задоволство што градинката „Бамби“ во Новаци е првата градинка која се отвора годинава и прва градинка која ја добива Општина Новаци.
Министерката за труд и социјала истакна дека за оваа влада секое дете е важно, независно од тоа дали живее во големите градови, или руралните средини. Таа посочи дека вложувањето во раниот детски развој, претставува врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика, затоа што градењето на една млада
личност која треба да влезе во системот на образование е многу значајно за нејзиниот понатамошен развој.
– Државата и општината финансиски го поддржаа организирањето и функционирањето на оваа јавна установа за која беше потребна финансиска конструкција од
9.500.000 денари. Од нив од буџетот на Општина Новаци и Министерството за труд и социјална политика се издвоени 7.000.000 денари, додека пак 2.500.000 денари, средства обезбедени преку проектот „Одржливо менаџирање на агро отпадот за загревање на рурални средини-Агрочејн“, со што обезбедивме ефикасен и еколошки систем на загревање на градинката – истакна градоначалникот на Општина Новаци,
Љубе Кузманоски.
Министерката Шахпаска потенцираше дека Владата останува на планираната проекција до крајот на мандатот, поточно до 2024 година, 60 отсто од децата во државата да бидат вклучени во процесот на воспитание и образование во предучилишните установи. М.М.