Во организација на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, во соработка со Општината Куманово и Министерството за култура на РМ, почнувајки од денеска и во наредните 16 дена, во зградата на Центарот за култура во Куманово ќе се одржи 21 меѓународен театарски фестивал “Денови на комедијата”.

Љубителите на театарската уметност од Куманово на претстојниот фестивал ќе имаат можност да проследат четиринаесет интересни и квалитетни театарски претстави, од кои девет од домашната македонска театарска продукција, две од театрите од Република Србија и по една претстава од театрите од Република Бугарија, Ерменија и Црна Гора.

Фестивалот денеска ќе биде отворен со претставата „Како да се ограби банка”, во изведба на драмскиот театар од Скопје, а ќе биде затворен на 18 октомври со премиерната претстава “Мани, Мани, Мани” во изведба на организаторот на фестивалот, односно од домашниот театар на НУКЦ “Трајко Прокопиев” од Куманово.

На фестивалот ќе настапат познатите македонски актери, Мето Јовановски и Тања Кочовска како и српската актерка Дубравка Мијатовиќ и црногорскиот актер Младен Нелевќ.

– Со цел фестивалот да биде што подобро организиран во изминатите десетина
дена ние вработените од Центарот за култура вложивме многу труд и време во
припремите и во промоцијата на фестивалот што верувам дека доста успешно
го направивме, за што говори и податокот дека влезниците за речиси сите
претстави беа продадени во рекордни два-три дена, што пак од друга страна
покажува дека во нашиот град, кој патем е град со долга театарска традиција,
се уште постојат голем број на љубители на театарската уметност– истакна Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово.

Т.Д.