Денеска во угостителскиот комплекс Етно Село – Тимчевски кај Куманово заврши 6-тата традиционална меѓународна копаничарско-ликовна колонија на која што во изминатите седум дена десетина копаничари од земјата и од странство резбарејќи на ореово дрво изработија десетина уметнички дела.
Што се однесува пак до колонијата таа беше организирана од страна на здружението на копаничари на Македонија, а поддржана од Министерството за култура на РМ, а на неа оваа година за разлика од предходните години бројот на копаничарите и ликовните уметници беше во нешто редуциран состав, па така оваа година на колонијата учествуваа осум копаничари и по еден ликовен уметник и гравер на метал, од кои осумина беа од Република Македонија, а двајца учесници беа од Крагуевац, Република Србија. Уметничките дела што оваа година копаничарите ги изработија беа со мотиви од флората и фауната, а секако не изостанаа и оние најзастапените, делата изработени од црковни мотиви и тоа со ликовите на најпознатите и најголемите светци од христијанската религија.
– Нашето здружение постои од 1993 година, а брои околу осумдесетина копаничари од кои што во моментот се активни само четириесетина копаничари. Нашите резбарени дела најчесто ги изработуваме од ореово дрво (поради неговата компактност), а работиме и со дрво од липа и круша. Инаку, досега здружението секоја година одржува по една изложба и заедно со изложбите од Етно Село досега имаме реализирано вкупно 31 изложба. Главната цел на здружението е да ја продолжиме македонската копаничарска традиција која што на овие балкански простори опстојува повеќе од два века но секако и да ја продолжиме традицијата на најдобрите македонски копаничари: Петре Филиповски – Гарката и семејството Фрчковски кои во нивното време освен што биле копаничари во исто време биле и зографи но и неимари на црковните објекти во Македонија. Како најпознати копаничарски дела кај нас во Македонија а изработени од тајфата на Гарката се иконостасот во Лесновскиот манастир „Св. Архангел Гаврил“, црквата Св. Петка во Скопје (во која што се наоѓа гробот на еден од нашите најголеми револуционери, Гоце Делчев), како и неповторливиот иконостас во манастирот „Св. Јован Бигорски“ кој што поради својот висок и спечифичен квалитет кај секој посетител остава чувство на вчудоневиденост – истакна претседателот на здруженито на копаничарите на Македонија, Веселин Поповски.
Посебен белег на овогодинешната колонија „Етно Село 2018“ остави и учеството на еден од најголемите македонски ликовни уметници, сликари и хуманисти, Живко Поповски – Цветин кој досега во својата тридецениска кариера има насликано над 60.000 слики со цветни мотиви од кои што над 50.000 ги има поклонето а кои што скоро сите биле посветени на мисијата на мирот и хуманоста. Во 2005-та станал многу познат и популарен со својата слика со цветни мотиви со должина од 1001 метар а широка 20 сантиметри, а насликана по повод 1001 година од ослепувањето на Самоиловата војска, а која што слика ја работел цели четири месеци. Поради квалитетот на своите слики, а уште повеќе поради неговата мисија за мирот и хуманоста кои што биле препознаени и од најпознатите светскиполитичари и хуманисти меѓу кои и од претседателот на ООН Перез Де Куељар и Мајка Тереза (од која што лицно добил и писмо), тој во 2009 година бил и кандидат за Нобеловата награда каде што во конкуренција на 205 кандидати од целиот свет се нашол на високото трето место, а пред него биле само високите држвни функционери на САД и на Франција, Обама и Никола Саркози, а при тоа оставајќи ги далеку зад себе некои од најпознатите светски државници и политичари како што се Бил Клинтон, Хелмут Кол, Тони Блер, Џорџ Буш и Владимир Путин. Од неговите слики 14 се подарени за доплатни поштенски марки со наслов: Република Македонија – Цвеќе на мирот а само за струшките вечери на поезијата досега подарил над 3000 слики. Т.Д.