Откако во текот на јули Општина Кичево, претставувана од градоначалникот Фатмир Дехари, како договорен орган нарачател и ветеринарната станица „Центар“ од Кичево, потпишаа договор за заловување и стручен третман на кучињата скитници на територијата на општината, започна акцијата, која во одредена мера е продолжување на онаа што веќе се одвиваше претходната година, кога за овие потреби беше ангажирана ветеринарната клиника „Ино-Вет“ од Куманово, и при што беа заловени над 100 кучиња скитници.
– Од 13 август од кога започна операцијата на заловување и стручен третман на кучињата скитници и нерегистрирани кучиња на територија на нашата општина, до 20 ноември се вакцинирани, кастрирани и чипирани 110 улични кучиња, а поради старост или болест еутанизирани се две кучиња скитници. Целата операција ја извршува ветеринарната станица „Центар“ од нашиот град. Акцијата продолжува и понатаму и ќе трае се додека има средства планирани за оваа намена, а кои ги обезбеди општина Кичево. Со овој зафат во значителна мера ќе се реши проблемот со кучињата скитници во градот, а кучињата кои се вакцинирани и кастрирани се оставаат на оние места каде што претходно биле заловени, за да нема потреба од нивна дополнителна адаптација – вели Емилија Петкоска, одговорна за екологија во општина Кичево.
И покрај напорите на општината за трајно и целосно решавање на проблемот со кучињата скитници, сепак приливот на нови глутници кучиња од страна, ја усложнува работата и создава дополнителни проблеми за трајно надминување на овој проблем во Кичево, кој е едно од најгорливите и најтешко решливи прашања. З.А.