Во рамките на обележувањето на големиот јубилеј, 100 години од раѓањето на академикот Блаже Конески, еден од втемелувачите и кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, денеска во Македонско нучно друштво Битола беше промовиран прирачникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“ на Здравко Божиновски.
Автор на прирачникот е членот на МНД, лектор и публицист, научен работник, македонист, фолклорист, писател, поет, препевач на светската класична поезија и еден од најстарите членови на Македонското научно друштво во Битола (1963).
Божиновски е роден на 01.10.1940 година во с. Барешани, Битолско. Гимназија завршил во Битола, а Филозофски факултет, група Југословенска книжевност и македонски јазик во Скопје. Во 1968 година се вработил како лектор, а потоа како Советник за заштита на македонскиот јазик во Собранието на Општината Битола, од каде во 2005 година заминал во пензија. Во својата богата публицистичка и научна кариера издал 11 книги и 35 научни статии од областа на националната историја, литература и македонскиот јазик.
Учество со реферати на 19 конгреси и симпозиуми. Има издадено 14 збирки со македонски препеви од руски и од англиски јазик на четиринаесет илјади стихови од поезијата на осум светски класични поети. За своите успеси има добиено 17 национални и интернационални награди и признанија.
М.М.