ОХРИД

Мобилните тимови на Црвен крст – Охрид и на Општина Охрид непрекинато седум месеци се вклучени во напорите за ублажување на последиците од пандемијата на ковид-19. Овие тимови им укажуваат поддршка на ранливите групи граѓани од градот и од неговата околина, а во првите месеци од кризата им дадоа поддршка и на лицата што беа сместени во државните карантини во Охрид.
Од 16 март до денес, тимовите одговориле на 670 барања за набавка и достава на прехранбени продукти, на средства за хигиена и на лекови, како и за други видови асистенција на постари и снеможени лица, лица со хронични заболувања, самохрани родители, лица со попреченост и други граѓани на кои им била неопходна поддршка. Во соработка со Министерството за здравство, Клиниката за онкологија и Црвен крст на град Скопје, мобилните тимови доставиле хронична и онколошка терапија во 127 наврати.