КИЧЕВО
Најубавата честитка во оваа календарска година ја добија жителите од селото Преглово, со пуштањето во употреба на новиот селски водовод, со кој конечно и трајно го решија многудеценискиот проблем.
– Новиот селски водовод за селото Преглово почна да се гради кон крајот на летото изминатата година, а беше завршен деновиве. Изградбата на новиот селски водовод чини осум милиони и 200 илјади денари, а парите за негова изградба ги обезбеди Министерството за транспорт и врски. Изведувач на работите беше компанијата „Несмин комерц“ од селото Пласница – рече Елсан Нурчески, советник во Општина Пласница.
Тој ги наведе сите детали поврзани со овој водовод, како должината на цевководот и сите преостанати содржини.
– За изградбата на новиот водовод беше изграден цевковод во должина од 4.500 метри, а капацитетот на водоводот изнесува 20 литри вода во секунда. За да се обезбеди стабилно водоснабдување на селото, каптирани се три извори, а за еден од нив е изграден дополнителен цевковод во должина од 1.000 метри, поради раздалеченоста. Ако се има предвид дека потрошувачката на вода во одредени периоди од годината е зголемена, кога се тука печалбарите, тогаш е потребно и поголемо количество вода, за што треба дополнително да бидат каптирани уште три извори, што ќе биде гаранција и во најсушниот период од годината селото да има доволно вода за пиење и за други домашни потреби – посочи Нурчески.
Тој натаму потсети и на преостанатите детали поврзани со овој водовод од квалитетот на цевководот, средувањето на резервоарот и сигурноста што ја гарантира.
– Новиот селски водовод во Преглово е изграден со еколошки ПВЦ-цевки, што гарантира долг век на употреба, без никакви последици по здравјето на корисниците. Кога ќе се подобри временската состојба ќе се прочисти резервоарот од земјениот талог насобран на дното, најверојатно во март, по што водата ќе биде гарантирано чиста, здрава и безбедна за пиење и готвење. Со изградбата на новиот водовод, 1.400 жители на Преглово повеќе нема да имаат грижа за вода за пиење и во сушни периоди, додека цевководот со профил Ф-200 може да транспортира и поголеми количества вода, кои ќе се добијат со каптирање на дополнителни извори во блиска иднина – додаде Нурчески.
До каптирањето на новите извори и можноста за недостиг од вода во селскиот водовод, проблемот ќе се решава со вклучување на водоводот од селото Пласница, кој се снабдува со вода за пиење од регионалниот водовод Студенчица. Стабилното водоснабдување ќе придонесе да се намали иселувањето од селото, од кое во моментов во странство работат над 600 жители и важи за претежно печалбарско село.