Јавното претпријатие „Водовод“ од Битола не ќе мора да плати комуналии за изгрдаба на новата административната зграда.
Вака одлучија советниците на советот на денешната седница, на која го прифатија предлогот „Водовод“ да биде ослободен од плаќање комуналии.
ЈКП „Водовод” деновиве најави дека наскоро ќе почне со изградба на сопствена управна и административна зграда, во која ќе бидат сместени сите служби на ова јавно комунално претпријатие, кое бележи еден цел век од своето работење.
Новата зграда, која ќе располага со 1.200 метри квадратни корисна површина, ќе биде лоцирана во просторот каде сега се наоѓа дел на претпријатието под железничката пруга.
– Минатата година, кога наплативме дел од побарувањата кои ни ги должеа училиштата од Битола за неплатена вода, во износ од 12 милиони денари, одлучивме дека треба да направиме своја управна и административна зграда и повеќе да не бидеме потстанари и да плаќаме кирија. Математиките покажаа дека трошоците кои сега ги плаќаме за одржување на овој објект, кој не е наш, се доста високи и дека со парите кои ги добивме од општината за неплатената вода на училиштата и со кредитно задолжување не само што ќе можеме да ги сервисираме трошоците како за изградба на објектот, така и за кредитот кој би го подигнале – вели првиот човек на ЈКП „Водовод“, Горан Козаров.
Според Козаров вкупната инвестиција за изградба на управната и административна зграда би изнесувала 35 милиони денари.
М.М.