Во општината Гевгелија во изминатата 2019 година се вложени околу 574.000 евра или над 35 милиони денари за подобрување на локалната патна мрежа во градот и во сите населени места.
– Најголем дел од средствата, околу 27 милиони денари, биле наменети за изградба на 2.906 метри или 10.921 квадратен метар нови улици. Така, нови улици се изградени во Гевгелија, потоа, во Негорци, улиците Гоце Делчев, Ѓорге Велков и Ристо Петров. Во населеното место Мрзенци е изградена улицата Гоце Делчев. Покрај ова, со сопствено учество и финансиска поддршка од Бирото за регионален развој е изградена и последната делница од патот Негорци – Сермени и патот од населеното место Давидово до манастирот „Св. Илија“ -појаснуваат од општината Гевгелија.
Минатата година е извршена реконструкција на 5.636 квадратни метри улична површина, а нов асфалт добија улиците 1 Мај и паркингот кај Општата болница во Гевгелија, потоа улицата Браќа Толеви во селото Прдејци и улицата Климент Охридски во селото Миравци. Бетонирани се над 7.000 метри квадратни метри улична површина, односно помали улици и краци во населените места Кованец, Давидово, Милетково, Миравци и Прдејци.
Од општината Гевгелија најавуваат дека минатогодишната акција за подобрување на патната мрежа продолжува и годинава со уредување нови тротоари.