БИТОЛА
Клиничката болница во Битола изгледа „боледува“ од хронична деменција, па затоа изгледа заборава на дадени, почнати, но, за жал, незавршeни проекти и ветувања. По акцелераторот, кој е почнат пред повеќе од осум години, а сѐ уште не е готов, деновиве се уверивме дека уште еден почнат пред осум години инфраструктурен комунален проект во болницата е почнат, но, за жал, досега не е завршен.
Пред околу осум години, во дворот на Клиничката болница во Битола на големи ѕвона започна реализацијата на новиот инфраструктурно-комунален проект, со кој, како што тогаш беше речено, преку ископување артески бунари ќе се овозможи заштеда на вода за наводнување на зелените површини, односно нивно наводнување со технолошка вода, заштеда на вода за пиење, а пред сѐ заштита од подземните води, кои честопати на болницата ѝ создаваа проблеми во визбените простории.
Проектот беше дел од (пред)изборната програма на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а истиот тој требаше да се реализира во соработка на јавното комунално претпријатие „Комуналец“, Клиничка болница – Битола и Општина Битола.
– Одличната соработка со Клиничката болница во Битола овој пат ја остваруваме со инфраструктурно-комунален проект, кој ќе го реализира ЈП „Комуналец“. Според проектот, во дворот на Клиничката болница ќе бидат ископани два бунара со чија вода ќе се врши наводнување на зелените површини, а со зафаќањето на водите ќе се санира и проблемот со подземните води што се јавуваат во визбите на болницата – изјави тогашниот градоначалник на Општина Битола, Владимир Талески.
Бунарите требаше да бидат ископани на длабочина од 70 метри, а по инсталирањето на соодветната опрема беше предвидено да се врши целосно наводнување и одржување на зелените површни во Клиничката болница.
– Со договорот за соработка нашето комунално претпријатие презема обврска за целосно одржување на јавната чистота, односно одржување, чистење и миење на сите пешачки патеки и коловози во дворот на Клиничката болница, како и други комунални услуги – изјави тогаш првиот човек на ЈП „Комуналец“, Зоран Соклевски.
Но, за жал, од изградбата на артеските бунари засега нема ништо. Го нема ни местото каде што беше ископана дупката, во која беше поставен камен-темелникот за изградба на артеските бунари. Иронијата да биде поголема, деновиве кога настојуваме да добиеме одговор на прашањето што стана со (не)реализацијата на оваа инвестиција од ниту една страна не добивме одговор, бидејки веќе никој ни во болницата, ни во ЈП „Комуналец“, а ни во Општината не се сеќава на тој проект. Него го заборавија дури и тие што го измислија проектот и кои ги уплатија парите за негова реализација, а и тие што ги добија парите.
За проектот со бунарите немаат одговор ни од ЈП „Комуналец“ ни од Клиничката болница во Битола, од каде што и покрај сите наши инсистирања не добивме одговор. Но без разлика на сѐ, (не)реализацијата на проектот со артеските бунари е само уште едно сведоштво во низата други, што зборува за несериозноста на битолските политичари во подготвувањето и (не)реализацијата на голем број инфраструктурни проекти што се почнати и платени, но, за жал, незавршени, за кои досега никој не сносел никаква, па ниту морална одговорност.