Маврово и Ростуше
Во време кога земјава се справува со ширењето на коронавирусот, надлежните од Општина Маврово и Ростуше не запираат со реализацијата на проекти врзани за развој во туризмот. Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, потпиша договор за подгрант за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот. Општина Маврово и Ростуше и националниот парк Маврово за проектот „Развој на туризмот во Мавровската долина“ од Владата добија подгрант во износ од 32.080.623 денари. Средствата се обезбедени преку Меѓународната банка за обнова и развој, а проектот ќе се реализира преку Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“.
– Со овој проект се предвидени реконструкција на стражарската куќа во близината на водопадот Дуф, поправка на дрвените мостови по должината на патните правци и воведување пешачка патека во должина од еден километар. Исто така, предвидена е набавка на дрвени пултови за рекламен материјал од локални производители, како и набавка на дрвени пултови за производи и сувенири. Планирано е и поставување детски играчки во просторот на инфоцентарот, набавка на канти за отпадоци, клупи и столови за одмор, набавка на теренски возила за сафари-турата. Со проектот е предвидено поставување станица за изнајмување електрични велосипеди, мобилна апликација за заштита на електричните велосипеди и нивно отклучување во склоп на велосипедската станица. Вклучена е набавка на десет електрични велосипеди со ГПС-уреди, како и многу други содржини во рамките на овој проект – објаснуваат од оваа локална самоуправа.
Општина Маврово и Ростуше и националниот парк Маврово за реализација на овој проект ќе кофинансираат 10 отсто од вкупните финансиски средства предвидени за комплетното реализирање на проектот.