По девети пат викендов во село Белица-Кичевско, ќе се одржат традиционалните „Белички средби-2019“. На средбите кои редовно се одржуваат во втората половина од месец јули, покрај постојаните жители на селото, ќе бидат присутни печалбари родум од овој крај и голем број на гости.

Во двата дена ќе биде организирана и богата културно уметничка програма за сите вкусови, а за добрите гурмани ќе има специјалитети на скара и секаков вид на пијалоци.

– Во наредните два дена, по девети пат во нашето село ќе се одржат традционалните „Белички средби-2019“. Според програмата за утревечер, планирани се настапи на КУД „Младост“-Кичево, а песни ќе читаат и поети од  од селото, од Кичево и нивните гости. Во недела со почеток од 17 часот, програмата ќе биде збогатена со настап на пејачка група од Прилеп, КУД „Младост“-Кичево, солистите Христијан Тришоски, Орце Богданоски и Мишко Крстески и изведба на гајда ќе има Елена Јовческа. Исто така ќе има изведба и на други народни инструменти, додека артисти ќе имаат свое претставување со инсерти од драмски претстави и кратки монолози. Целта на Беличките средби е луѓето од дијаспората по потекло од овој крај да се запознаат со условите во селото, да почнат да инвестираат и секако да ги поттикнеме за да помогнат во економскиот развој на селото и да сестопира иселувањето. И во двата дена завршницата на програмата ќе биде зачинета и со општонародна веселба за сите присутни на средбите – истакна Раде Момироски од Здружението за развој на село Белица, организатор на овие средби.

Целокупната програма ќе се одвива во двориштето на целосно преуредената селска црква „Свети Ѓоргија“.

З.А.