Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Нарине Сахакјан и министерот за локална самоуправа Горан Милески денес беше во официјална посета на општина Вевчани по повод прогласувањето на Вевчанските извори за споменик на природата.
Пред Советот на општината беше претставен и усвоен Планот за управување со заштитеното подрачје Вевчански извори, како и проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“.
Со ваквата одлука општина Вевчани ги доби ингеренциите да управува со Споменикот на природата „Вевчански извори“, односно со просторот од изворите се до границата со соседна Албанија.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА II – Секторска оперативна програма за животната средина и климатска акција 2014-2020, а е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.