ПРИЛЕП ВО ЗАПИСИТЕ НА РУСКИТЕ ДИПЛОМАТИ И АВТОРИ (3)
Aрхимандритот Антонин, (1817 – 1894) чие световно име било Андреј Иванович Капустин, бил писател, археолог, историчар, почесен член на руското археолошко друштво. По завршувањето на Киевската духовна академија, се замонашил. Во периодот од 1860 до 1865 година патувал низ повеќе земји, меѓу кои и Македонија. По својата посета во Прилеп и на Варош тој оставил запис за неколку варошки цркви. За манастирот „Свети Архангел Михаил“ забележал дека како гнездо од птички бил вгнезден под Марковите кули.
„Во ’Св. Архангел Михаил‘ имаше многу луѓе, многу деца. Од секаков вид и род. Денот беше празничен и народот сакаше да ни оддаде почит. Тука имаше и други народи што не беа христијани“.
По заминувањето од манастирот, архимандритот Антонин се упатил кон Варош и, како што вели, на секој чекор наидувал на урнатини. Бил заинтересиран за преданијата што ги слушнал за 70-те цркви што ги имало во турско време. Тој запишал: „Сакајќи да ја задоволиме љубопитноста се упативме кон црквата ’Св. Димитрија‘. Таа стои одделно во централниот дел. Се одликува со убав византиски стил, со убава купола, со тесни прозорци. Судејќи според трите апсиди на источната страна мислам дека храмот е граден на повеќе наврати. Но не влеговме внатре. Направив круг околу неа, но не забележав никаков натпис“.
Подетално Архимандрит Антонин ги разгледал црквите „Св. Петка“ и „Св. Никола“, за кои забележал:
„Богата надворешна градба со мешавина на црвена цигла и жолт камен. Внатре ѕидовите се оставени на забот на времето. Црквата е паралелограм, разделен со четири колони што ги држат куполата и целиот систем. По самиот изглед потсетува на византиска градба. Сѐ е убаво изградено, но мало. Црквата има само седум метри должина и 5,5 метри ширина. Црквата ’Св. Никола‘ според планот е обична. Има продолжена соба со влез на источната страна. Тесна е. Внатрешноста е насликана со икони од стар стил. Толку е мала, што би можела да се заштити од невреме. Во тремот видов и два реда словенско писмо. Во него пишуваше ’Помени мол раба своего Димитра‘. Во темниот агол имаше шкаф без катанец. Забележав стари богослужбени книги од 17 и 18 век“.
Иако меѓу Македонија и Русија растојанието е големо, сепак низ вековите наназад многубројни патници и намерници од Русија го посетувале Прилеп и патем оставале пишани траги како ги виделе градот, неговата традиција, култура, јазикот. Во записите неколкумина автори го опишале Прилеп со сите негови убавини и мани, а забелешки оставиле за пазарот и за значајните културно-историски споменици, особено за манастирите „Свети Архангел Михаил“ и за Трескавец. Најмногу записи за Прилеп, за панаѓурот и за манастирите оставил дипломатот Хитрово, кој бил руски конзул, а свои впечатоци забележале и архимандритот Антонин и професорот по руска дијалектологија Афанасиј Матвеевич Селишчев…