Буковскиот пипер е вистински традиционален производ, какви што малку има во Европа

Битола

Познатиот буковски пипер, кој е еден од ретките не само кај нас туку и пошироко, може да се случи наскоро да биде регистрирана во Брисел, како македонски производствен бренд.
Ова деновиве, за време на посетата на битолското село Буково, го најави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Трајан Димковски.
– Со оглед на тоа што се работи за вистински традиционален производ, какви што малку има во Европа, наша желба е овој пипер да биде регистриран во Брисел, бидејќи со почнувањето на преговорите со ЕУ, едно од прашањата ќе бидат нашите традиционални производи.
Министерот Трајан Димковски ги информира буковци дека во тек е јавниот повик со кој ќе се финансираат елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделските прехранбени производи.

– Министерството за земјоделство деновиве објави јавен повик за финансиска поддршка за елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделски прехранбени производи со ознака за потекло, географска ознака и ознака за загарантиран традиционален специјалитет. Повикот е во тек, а крајниот рок за пријавување е 2 август. Сите заинтересирани што ќе покажат заинтересираност слободно можат да ги поднесат апликациите. Во огласот е планиран буџет од 300.000 денари по елаборат, а вкупниот буџет е 1,5 милион денари, но ние сме лимитирани на пет елаборати и доколку има заинтересираност за повеќе и се понудат повеќе наши традиционални производи што нашите фирми или здруженија сакаат да ги заштитат, тогаш буџетот ќе биде зголемен – изјави во Буково министерот Трајан Димковски.