Познатата буковска пипер е важна не само за производителите, туку и за државата. Со оглед на тоа што се работи за вистиснки традиционален проивод каков што малку има во Европа, наша желба е овој производ да биде регистриран во Брисел, бидејќи со почнувањето на преговорите со ЕУ, едно од прашањата ќе бидат нашите традиционални производи.
Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски за време на денешната посета на битолското село Буково, кое се наоѓа само на неколку километри од Битола.


Министерот за земјоделие Трајан Димковски ги информираше буковци дека во тек е јавниот повик со кој ќе се финансираат елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделските прехранбени производи.
– Министерството објави јавен повик за финансиска поддршка за елаборати и спецификации за регистрација и заштита на називот на земјоделски прехранбени производи со ознака за потекло, географска ознака и ознака за загарнтиран традиционален специјалитет. Повикот е во тек, а крајниот рок за пријавување е 2 август. Сите заинтересирани што ќе покажат интерес слободно може да ги поднесат апликациите. Во огласот планиран е буџет од 300.000 денари по елаборат, а вкупниот буџет е 1,5 милиони денари, но не сме лимитирани на пет елаборати и доколку има интерес за повеќе и се понудат повеќе наши традиционални производи кои нашите фирми или здруженија сакаат да ги заштитат, тогаш буџетот ќе биде зголемен – изјави министерот Димковски.
М.М.