Традицијата со палење оган на отворен простор, да се пречека Старата нова година во Кичево продолжи и годинава. Тоа е причината за палењето на огнови во сите градски населби, крај кои локалните жители со топла ракија, домашни колбаси, расолче, слатки и со песна и игра ја испраќаат старата и ја пречекуваат новата година, според јулијанскиот календар. Дури во повеќе населби секоја година се бира василичарски кум, кој во наредната година е должен да ги обезбеди сите намирници неопходни за овој пречек.
– Во нашата населба повеќе од три децении се бира василичарски кум, а кумството го преземаат лицата кај кои се паѓа паричката од питето. И следната година избраниот кум е задолжен целосно да ги превземе обврските за пречек од подготовка на топла ракија, питулици, домашни колбаси, зимски салати, десерт и сѐ што е неопходно за оваа прилика. Инаку ова ми е вторпат да бидам василичарски кум, што ми причинува особена чест и задоволство – вели Горан Велјаноски, годинешен кум во една од кичевските населби.
Присутните крај многуте огнови во градот ги посетуваат и музичките оркестри, кои со својата музика уште повеќе го подигаат амбиентот и се дополнителна причина крај запалените огнови да се развијат ора и пеат песни а премрзнатите музичари покрај топлата ракија добиваат и по некоја паричка, во зависност од дарежливоста на присутните. Чудно но вистинито, оваа вечер граѓаните како да не го чувствуваат студот. Василичарски огнови ќе блеснат и во повеќето македонски села во кичевско, каде на сличен начин ќе се пречека Старата нова година.