На 28 септември, ЈП „Комуналец“ ќе биде носител на акцијата за чистење на дивите депонии во Битола, во која со своја машинерија ќе учествуваат и јавните претпријатија „Водовод и „Нискоградба“, а во акцијата е предвидено да учествуваат и претставници на невладиниот сектор и локалното население.
Големата акција беше најавена токму од неодамна исчистената обиколница над Битола, која со децении претставуваше опасност за минувачите на магистралниот пат Прилеп-Ресен, истовремено создавајќи и лоша слика за градот Битола.
– За првпат овој дел го исчистивме во февруари 2018 година, а истото го направивме и ова лето кога беа отстранети над 2000 метри кубни ѓубре. За таа цел беа вклучени јавни претпријатија, приватни фирми, граѓани, а сега се одржува со помош на ЈП „Комуналец“, кое вработи лице задолжено само за чистење на овој дел. И при тоа чистење, но и претходно кажав дека никогаш не може да се исчисти толку, колку што можат другите да извалкаат. Во меѓувреме на низа локации во градот беа санирани депонии, кои што постоеле години наназад. Им благодарам на граѓаните, на сите иницијативи, политички субјекти, кои што сиот изминат период се вклучија во вакви активности и кои што дадоа придонес за поубава и почиста Битола. Во таа насока и треба да се движиме – истакна градоначалничката Наташа Петровска.
Таа се осврна и на вандализмот во училиштето „Св. Климент Охридски“.
– Се она што го изработија вредните детски рачиња на фасадите со обезбедените бои од Општина Битола, беше едноставно уништено за само една ноќ. Но, за само еден ден, исто така со ентузијасти, младинци и со обезбедени бои од општината, го саниравме училиштето и се надевам дека ќе остане така како што го оставивме, како убава слика за сите нас – посочи Петровска.
Директорот на ЈП „Комуналец“ упати апел до граѓаните, здруженијата и било кој вид на организирани групи да се вклучат во најавените акции за чистење во сабота, на 28 септември.
– Ќе се чисти на локалцијата Тепсија на Баирот, во населбите Боримечка и Буковски ливади, во атарот на средношколскиот интернат, во Новиот пазар кон Техничкото училиште. Граѓаните може слободно да се вклучат, а на локациите ќе има претставници од ЈП „Комуналец“, се со цел, сите заедно да постигнеме повеќе и подобро. Ќе ни се придружат и колегите од останатите јавни претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“ со нивната механизација, за расчистување на дивата депонија кај клучката за селото Ротино. Ние и натаму, по барање на нашите сограѓани ќе продолжиме да интервенираме на останатите депонии – рече директорот Богоевски.
Акцијата за чистење ќе започне во осум часот на веќе наведените локации.