Денеска Битола го слави својот патрон, заштитникот на градот, преподобниот
Нектариј Битолски.

За разлика од претходните години, овој пат празникот ќе биде одбележан многу
поскромно само со одржување на црковни богослужби и по сите здравствени протоколи.

Неговото име е Никола и е роден во Битола, а подоцна, при замонашувањето, го добил името Нектариј. Нектариј уште како дете заминал од Битола и своето светителско достоинство го добил далеку од своето родно место, на Света Гора.

Откако Никола пораснал, му се јавила силна желба за повозвишен богоугоден
живот. Затоа заминал за Света Гора, најголемиот христијански центар на Балканот
Откако се замонашил, преподобниот Нектариј се оддал на поголема богоугодност и
почнал духовно многу брзо да напредува и да ги совладува Божјите височини.
Подоцна победувајќи ја човечката завист, демонските напади и телесните болки,
очистен преку своите подвизи и болести, преподобниот Нектариј тивко и достоинствено се преселил во вечното царство Христово на 5 декември 1500 година.

Пет години по неговата смрт, неговите ученици и следбеници го отвориле неговиот
гроб, за да му ги пренесат моштите и забележале дека тие не биле распаднати и од нив се ширела пријатна миризба во воздухот. Моштите му ги положиле во ковчег, на кој што бил направен релјеф на неговиот лик. Ковчегот со неговите мошти и денес се чува на Света Гора, во ќелијата каде што се подвижувал.

Битола за заштитник на градот го зеде во 2008 година, од кога секоја година се
прославува со литии низ градот и црковни богослужби.

Во мандатот на градоначалникот Владимир Талески донесена беше одлука да се
изгради црква за Св. Нектариј. За таа цел беше изработен и проект, според кој црквата требаше да се изгради во близина на Градскиот часовник. Но досега нема ништо од реализацијата на тој проект.


Честитка од градоначалничката Петровска за празникот на Битола, Св. Нектариј Битолски

По повод празникот на патронот на градот, Општината Битола и градоначалничката Наташа Петровска на сите граѓани на општината им упатија честитки за Денот на заштитникот Свети Нектариј Битолски. Поради пандемијата овој пат празникот ќе се одбележи по сите здравствени протоколи, без одржување литија низ градот и само со одржување нацрковни богослужби

– Нека овој светец го заштити секое семејство од зло, нека на сите нас ни донесе здравје, љубов и радост. Доброто нека владее над злото, а среќата на секој поединец нека биде причина за среќа и на другиот. Исполнети со позитивна енергија, да продолжиме да чекориме напред, кон нови резултати, кои нашиот град ќе го направат поубаво место за сите нас – се вели во честитката.  

Оваа година, Општина Битола, поради ковид-пандемијата, не организира чествување како изминатите години, а предвидените средства за одбележувањето на Денот на заштитникот на градот се пренаменети за хуманитарни активности за лицата на кои во овој момент им се најпотребни.

– Да празнуваме одговорно! Нека ни е честит денот на заштитникот на градот! – се вели во честитката на Петровска.

М.М.