ДЕЛЧЕВО
Библиотеката „Илинден“ во Делчево е побогата со нови наслови, кои се од жанрот на биографии и мемоари на светски познати личности. На рафтовите на библиотеката сега може да се најдат „Волшебникот – животот и времето на Никола Тесла“ од Марк Џ. Сајфер, „Жаклин Бувие Кенеди Оназис – нераскажана приказна“ од Барбара Леминг, „Алберт Ајнштајн – животот каков што го гледам“ во издание на „Нампрес“, „Живот, писма и поезија Микеланџело“, исто така, во издание на „Нампрес“, потоа биографијата за Шарл де Гол, Одри Хепберн, Медлин Олбрајт, Достоевски, Бах.
Интересот кај читателите за овој жанр литература бил иницијатор за набавката на новите наслови и, како што истакнува директорката на библиотеката Билјана Петровска, овој вид литература во иднина ќе биде почесто застапен во набавките.
– Библиотеката располагаше со многу мал број биографии, па по барање на нашите читатели набавивме неколку нови, а во иднина ќе се потрудиме автобиографиите и биографиите во библиотеката да ги имаме во што поголем број. Од она што го имавме досега како биографија во библиотеката, читателите најмногу ги бараа оние на Киро Глигоров и Борис Трајковски – истакна Петровска.
Од почетокот на годината до крајот на август, ЈЛБ „Илинден“ потрошила 232.576 денари за набавка на книги. На полиците на библиотеката ги има речиси сите нови наслови од речиси сите издавачки куќи. Сепак, по барање на читателите, најмногу нови наслови се набавени од „Сакам книги“ и од „Матица“. Во текот на летниот период читателите најмногу се интересирале за делата на Фицек, Нада Стоилковиќ, Лусинда Рајли, Милјана Павловска, Јелена Бачиќ Алимпиќ, Сара Џио и, стандардно, делата од Стив Бери, Баркли, Ден Браун.