Битола
Изградбата на затворен олимписки базен во Битола не само што е децениска неостварена желба на битолчани туку и постојано (пред)изборно ветување на политичките партии. Така, и на штотуку изминатите предвремени парламентарни избори, изградбата на затворен олимписки базен во градот под Пелистер повторно беше едно од ветувањата на кандидатите за пратеници на актуелната власт во Битола, кои изјавија дека доколку се изборат за место во новиот парламент, првата работа за која ќе се заложат е изградба на затворен базен во Битола. Дали тој ќе се гради со средства од локалниот или од републичкиот буџет тие оставаат да се одлучи при носењето на буџетите на Општината или на државата.
Иако на (пред)изборните активности не даде такво ветување, сепак актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, која неодамна заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски го означи почетокот на изградбата на затворен 25-метарски базен во ОУ „Кирил и Методиј“, исто така го актуализира проектот за изградба на затворен базен со олимписки димензии.
– Битола изгуби не само затворен олимписки базен туку и многу други проекти само од долговите што претходната локална власт ги остави од „бесплатниот превоз “ на учениците, кој мошне скапо нѐ чини. Оваа локална самоуправа само по низа на извршни решенија, на долгови на училиштата, на инфраструктурни проекти, кои претходната власт ги почна, а ги остави ние да ги завршуваме и да ги плаќаме, за само две години и седум месеци нѐ чини ни помалку ни повеќе туку 5,7 милиони евра. Не треба човек да биде голем математичар, па да пресмета дека доколку не беа тие долгови, со овие пари лесно можевме не само да направиме најмодерен затворен олимписки базен туку и други инфраструктурни проекти – тврди градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, која инаку е професорка по математика, уверува дека и покрај огромните долгови што ги наследи од претходното раководство, кои изнесуваа околу 12,5 милиони евра, сепак Општината успева со математичка прецизност не само да ги враќа долговите туку и да гради голем број нови инфраструктурни проекти.
Според Петровска, за нецели три години оваа локална самоуправа извршила градежни активности и истите тие ги исплати во висина од над 6.000.000 евра, што пред само некое време беше тешко замисливо.
– Во моментот, во Битола имаме низа инфраструктурни проекти во висина од 4,3 милиони евра, а неодамна почнаа градежни активности за кои Општината од општинската каса ќе издвои 2,7 милиони евра. Сите тие се значајни инфраструктурни проекти, кои ќе им го подобрат животот на граѓаните во Битола и во околните места. Тоа што од локалната самоуправа особено го истакнуваат е дека во Битола нема повеќе градење на почек. Секој проект што се реализира е со заокружена финансиска конструкција и изведувачите веднаш по завршувањето на проектите, доколку сѐ е во ред, во договорениот рок ги добиваат парите.
Тоа е најдобра потврда дека буџетот на Општина Битола е доста ликвиден и дека и покрај тоа што локалната самоуправа исплати неколку милиони евра само за покривање на загубите на училиштата поради „бесплатниот превоз“ кон автопревозните претпријатија, ЕВН за неплатени сметки за струја, доставувачите на нафта и мазут за греење, јавните комунални претпријатија во Битола и извршните решенија кон некои фирми и изведувачи, сепак успева да ги реализира предвидените проекти – додава градоначалничката Наташа Петровска.
За ликвидноста на општинскиот буџет значајно придонесуваат проектите што се градат со средства од државниот буџет, а голем број објекти се градат и со користење средства од европските фондови, како и со голем број донации.
– Во моментот во Битола интензивно се градат неколку значајни проекти, не само од областа на инфраструктурата, новата трибина на Градскиот стадион под Тумбе Кафе, туку доста средства се издвојуваат за реновирањето и санацијата на училиштата, градинките, спортот, културата, реновирањето на Офицерскиот дом, опремувањето на киното „Манаки “… – нагласува градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која и покрај огромните финансиски проблеми, кои ги наследи и последиците што се јавија со пандемијата на ковид-19 не се откажува од желбата на битолчани, Битола да добие затворен олимписки базен, во кои ќе можат да спортуваат и да се рекреираат сите љубители на пливањето.
За реализација на тој проект се работи и на решавањето на проблемот со затоплување на Битола и гасификацијата на градот, која ќе придонесе за поевтино затоплување и на базенот.