ГЕВГЕЛИЈА

Од гевгелиската територијално-противпожарна единица апелираат до физичките и правните лица да го искористат топлото и суво време и да извршат чистење на оџаците на почетокот на грејната сезона. Оттаму велат дека во текот на минатата грејна сезона, од октомври 2019 до април 2020 г., во гевгелискиот регион се регистрирани 20 пожари на колективни и приватни станбени објекти предизвикани од неисчистени оџаци.
Командирот на единицата, Игор Ризов, упати апел до граѓаните на Општина Гевгелија да се искористат овие денови да се изврши чистење на оџаците што преставува и законска обврска на правните и физичките лица, но исто така да се провери исправноста и на електричната инсталација и на електричните грејни тела што се користат во зимскиот период за затоплување.
Казните за неисчистени оџаци или димоводни канали, како што кажаа од Дирекцијата за заштита и спасување, се движат од 500 евра за физички лица и 2.500 евра за правните лица. Освен парични казни, може да следуваат и кривични пријави. Љ.А.