Добитник на наградата за новинарство „Тоде Петревски“, која локалниот неделник  Битолски весник традиционално 17 години по ред посмртно ја доделува во чест на покојниот новинар на Радио Скопје и дописник од Битола, Тоде Петревски, е новинарката Анета Блажевска, дипломиран новинар на факултет за Интердисциплинарни студии по новинарство на Универзитетот во Скопје.

Ваква одлука донесе денеска редакцискиот колегиум на Битолски весник. Анета Блажевска речиси три децении се занимава со новинарството. Таа работела во повеќе национални медиуми, како новинар, уредник и водител. Кариерата ја почна во Радио Канал 77, каде во македонскиот етер беше присутна 14 години, од кои речиси пет години како уредник и водител на емисијата „Стадион“, 10 години беше новинар- дописник за „Утрински весник“. Анета Блажевска во својата новинарска кариера беше дописник и за весникот „Слободен печат“ , како и за новинската агенција „Мета”. Моментно е ангажирана во интернет порталот „Независен.мк“. Таа е еден од сопствениците на порталот „Апла.мк“. Го води порталот „Зелена берза“, воедно е и заменик-уредник на специјализираниот весник за земјоделие и екологија „Зелена берза“ кој овој месец слави три години постоење. Блажевска наградата ја доби за објавените репортажи во весникот „Зелена берза“, новинарски род, кој со посебна љубов и пиетет го негуваше покојниот новинар Петревски.

Нејзиниот стил е препознатлив, едноставен, лесен и интересен, кој предизвикувајќи емоции и никого не остава рамнодушен, зашто Блажевска знае да го спои истражувачкото и уметничкото, да укаже на проблемот и да предупреди на некоја општествена ситуација. За Блажевска, како што вели таа, новинарството е нејзината прва и вечна љубов. Наградата „Тоде Петревски“ на Блажевска свечено ќе ѝ биде врачена по сите здравствени протоколи, во петок на 28 мај, во амфитеатарот на Славјанскиот Универзитет „Р.Г.Державин“.

М.М.