ШТИП

Јавното претпријатие „Исар“ од Штип започнува со акција за откривање и исклучување на нелегално приклучените корисници на водоводната мрежа, информираат во Општината.
– Ваквите активности се во насока, пред сѐ, на зголемување на свеста на граѓаните поради самиот факт што со нелегалното приклучување на водоводната мрежа се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето за сите корисници што легално се приклучени и плаќаат сметки за вода. Поради тоа ги повикуваме граѓаните на одговорно однесување, отстранување на дивите приклучоци и истите тие регуларно да си поднесат барање за приклучок на водоводната мрежа – велат во Општината.
Акцијата во координација со другите институции ќе започне веднаш и ќе се спроведува во текот на целиот период, до нормализирање на состојбата и растоварување на водоводната мрежа од ваквите нелегални приклучувања од страна на граѓаните.
Дополнително се известува јавноста дека во насока на заштита на зелените површини и водата за пиење, од страна на градежни инспектори се евидентирани објекти во изградба – дивоградби во зоната на заштитени води и истите тие ќе бидат отстранети.
Градењето на бесправните објекти во зоната на заштитените води претставува сериозна опасност што доведува до ризик за загадување на водата за пиење и од тие причини екипите се веќе на терен и нема да се дозволи да се загрозат безбедноста на водата за пиење и здравјето на граѓаните.