Кога на 19 март 2013 година, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, го постави камен-темелникот за изградба на акцелераторот во Клиничката болница во Битола, јавноста беше информирана дека акцелераторот, кој требаше да им помогне во зрачењето на болните од карцином не само од Битола туку и од југозападниот регион, ќе биде готов за шест месеци.
– Со изградбата на овој објект, чија вредност е 45 милиони денари и со набавката на линеарниот акцелератор од реномиран шведски производител во вредност од 1,6 милион евра, Битола ќе стане втор онколошки центар во Македонија, по Скопје. Во овој регион со околу 200.000 жители, годишно околу 1.600 пациенти имаат потреба од зрачна терапија, која досега ја добиваа на Клиниката за онкологија во Скопје. Но со изградбата на бункерот и поставувањето на акцелераторот, процес што во согласност со договорот треба да заврши во рок од шест месеци, граѓаните од регионот, од Прилеп, Ресен, Крушево и од други градови, ќе може да ја добијат зрачната терапија во Битола – изјави на 19 март 2013 година Никола Тодоров, сега веќе поранешен министер за здравство.
Оттогаш изминаа речиси седум години, а од ставањето во функција на акцелераторот во Клиничката болница во Битола нема ништо. Изградбата на бункерот и ставањето во функција на акцелераторот во Клиничка болница – Битола беше по иницијатива од градоначалникот Владимир Талески.
– Ги направивме сите потребни предуслови за да почне реализацијата на овој проект, за што Министерството за здравство ни даде безрезервна поддршка. Во согласност со надлежностите ние во општината изработивме детален урбанистички план, ја подготвивме целата потребна документација и донесовме одлука за ослободување од комуналниот надоместок за изградба на акцелераторот. Овој заеднички проект на општината Битола и Владата ќе овозможи да им се продолжи животот на многу наши сограѓани од Битола и регионот, кои се болни од рак – истакна поранешниот градоначалник Владимир Талески, означувајќи го почетокот на работите во 2013 година.
Времето покажа дека ветувањата на Тодоров и на Талески биле само предизборни ветувања за да се добие глас повеќе од битолското гласачко тело. И додека Тодоров и Талески во 2013 година се залагаа за зголемување на бројот на гласачите, во периодот што следуваше, во градот под Пелистер се зголемуваше бројот на заболени од рак, кои наместо во Битола на зрачење мораа(т) да патуваат во Скопје.
Но одолжувањето на роковите за ставање во функција на акцелераторот не беше мана само на претходната власт. И актуелната власт, предводена од СДСМ, откако победи пред три години на изборите во неколку наврати даваше ветувања за пуштање во употреба на акцелераторот. Но, за жал, од тоа нема ништо.
Тоа што особено ги загрижува болните од ова тешко заболување, не само од Битола туку и од регионот, е што сега, по седум години од означувањето на почетокот на работите за изградба на акцелераторот, никој не знае кога тој точно ќе проработи.
– Битолчани треба да знаат дека долго време акцелераторот стоеше во подрумот на Клиничката болница. Со промената на власта, Министерството за здравство се зафати со работа да се пристапи кон монтирање на акцелераторот. Ги исконтактиравме сите изведувачи, оние што ја набавија опремата, се работи со одредена динамика и се надевам дека во следните месеци ќе се пушти акцелераторот, со што пациентите по оваа здравствена услуга не ќе мора да патуваат во Скопје – рече пред две и пол години, заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски.
Но и Чакаровски, кој веќе одамна не е заменик-министер не го погоди рокот. И додека надлежните здравствени институции и Министерството за здравство постојано го одолжуваат рокот за ставање во функција на акцелераторот во Клиничката болница, бројот на заболените од рак во Битола, постојано расте. Податоците на здружението „Јасмин“ покажуваат дека во Битола неофицијално има над 2.500 заболени од рак. Тоа што особено загрижува е што бројот на заболени од рак постојано се зголемува. Ако порано во Битола секој ден имаше по најмалку еден новозаболен од карцином во просек, сега таа бројка изнесува по двајца новозаболени од рак на ден, од кои најголемиот број се млади луѓе. Во ваква ситуација, покрај со болеста, болните од рак мораат да се борат и со огромните трошоци што ги плаќаат при одењето на терапија во Скопје. Нивните надежи дека со ставањето во употреба на акцелераторот не ќе мора да патуваат во Скопје се изјаловија. Сега ним не им преостанува ништо друго туку да се надеваат дека ќе се остварат ветувањата на лекарите дека ќе ја победат оваа тешка болест.