Нема ден, а Кичево да не биде на врвот или при врвот на градови со најзагаден амбиентален воздух. Хронично болните и децата се потешко го поднесуваат загадениот воздух. Иако би сакале во текот на денот да излезат надвор и да се прошетаат, таква желба имаат и пензионерите кои поради високото аерозагадување и претпазливост од ковид-19, најголемиот дел од денот го поминуваат дома.
– Имам астма и проблеми со срцето и кога воздухот е многу загаден, препорачано ми е да не излегувам на отворено и да не го дишам од овој високозагаден воздух. Откако последните десетина години живееме во град со енормна загаденост на воздухот, верувајте секоја година барем во два наврати морам да се лекувам поради грип или проблеми со дишењето – вели Трајан Стојкоски, постар жител на градот.
Интензивната изградба во Кичево што се случува последните години и миграцијата село-град, придонесоа Кичево да биде урбанизирано, а многумина сметаат дека главен причинител за овие високи параметри е затоплувањето на домовите со тврди и течни горива.
– Се додека не дојде гасот, градот ќе бележи високи вредности на аерозагадување во есенско-зимските месеци, кога над 80 проценти на граѓаните домовите ги затоплуваат со дрво, отпаден материјал, прегорено масло или нафта. Ако има уште една акција на државата за набавка на поголем број на инвертери од досегашните 800, тогаш за очекување е барем за 40 проценти да се подобри квалитетот на амбиенталниот возудх и во месеците кога состојбата е најтешка, а тоа е гаранција за поздраво население во текот на целата година – вели Коце Наумоски, инженер-технолог. З.А.