ГЕВГЕЛИЈА
Општина Гевгелија организира повторена јавна презентација и јавна анкета за детален урбанистички план (ДУП) за Општина Гевгелија, со разработка на блок 12, плански период 2019-2024 година. Јавната презентација со стручно презентирање на деталниот урбанистички план за Гевгелија за блок 12, ќе се одржи во големата сала на Народниот театар во Гевгелија, на 5 февруари со почеток во 12 часот, во согласност со мерките за заштита од коронавирусот – информираат оттаму.
ДУП-от ќе биде изложен во просториите на Одделението за урбанизам, градежништво, архитектура и заштита на животната средина на Општина Гевгелија и јавната анкета ќе трае пет работни дена, односно до 12 февруари, секој работен ден од 8 до 16 часот.
Деталниот урбанистички план за блок 12, Општина Гевгелија, зафаќа површина од 115,282 хектари. Границата на опфатот од север е дефинирана по оската на магистралната сообраќајница булевар Гевгелија и продолжува на североисток по оската на регионалниот патен правец Р 1102.
Од исток е дефинирана по оската на регулираното речно корито на реката Рауљ и продолжува по оската на водотекот на коритото на реката Вардар, каде што во целост се совпаѓа со границата на планскиот опфат на ГУП Гевгелија 2011-2021. Од југ границата е дефинирана по оската на водотекот на Сува Река; oд запад границата се движи по оската на постојните сообраќајни улици Железничка и ул. Борис Кидрич и во пресечна точка се спојува со оската на магистралната сообраќајница булевар Гевгелија. Во планскиот опфат се улиците: Вардарски Рид, Железничка, Борис Кидрич, како и неколку постојни асфалтирани улици и земјени патеки.
Во спомнатиот рок, заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови што можат да ги подигнат во Одделението за урбанизам, градежништво, архитектура и заштита на животната средина при Општина Гевгелија или преку информацискиот систем е-урбанизам.