ГЕВГЕЛИЈА

Општина Гевгелија распиша тендери за три капитални проекти што беа најавени на почетокот од годината, а чија реализација е овозможена по ребалансот на буџетот, кој беше извршен на последната седница на Советот. Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, станува збор за проекти што треба значително да ја подобрат патната инфраструктура во Гевгелија и околината и чија потреба е присутна подолго време.
– Имено, речиси една деценија се зборува за изградба на улицата Свети Климент Охридски во Гевгелија. Поточно, продолжувањето на булеварот Гевгелија и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па до Динќут. Распишан е тендерот за изградба на оваа значајна сообраќајница, бидејќи со оваа заобиколница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата Петар Мусев до Моински пат. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1.230 м, предвидено е изведување подготвителни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со Моински пат кај Динќут. Во втората фаза ќе следува и нејзино асфалтирање, но главно е дека во најскоро време улицата ќе биде оспособена за товарен сообраќај – рече градоначалникот.
Со вториот тендер се бара изведувач за изградба на новопланираната улица, односно, на стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница.
– Улицата е со должина од 930 метри и во првата фаза се предвидува изведување подготвителни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина. Со изградбата на оваа улица ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградените улици во Милци и поврзување со автопатот Е75, со што Гевгелија ќе добие нов излез на автопатот – информира тој.

Со третиот распишан тендер ќе се реализира изградбата на улицата Александар Бел на Мрзенски Рид кај Гевгелија.
Станува збор за изградба на улицата што се наоѓа во новата станбена населба Мрзенски Рид и е со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри. Во првата фаза се предвидуваат подготвителни работи, изведба на долен строј, одводнување и дел од горен строј на главната улицата и двата крака. На тој начин ќе се обезбеди непречена сообраќајна комуникација на жителите во оваа станбена населба, каде што веќе се изградени и допрва ќе се градат станбени објекти – рече Поцков.
Покрај овие капитални проекти, се подготвува и тендер за изградба на влезната улица во населбата Серменин, од влезот до центарот на ова потпланинско село.
– Исто така, се подготвува и тендер за изградба на градскиот сквер, односно паркот на старата локација на градскиот пазар. Како што е познато, беше изработен идеен и основен проект за хортикултурно и партерно уредување на оваа локација во центарот на градот – додаде тој.

Во меѓувреме продолжува пролетната акција за изградба на нови улици, како што се улиците во стопанската зона Ракита, асфалтирање и бетонирање на повеќе улици и краци, како и уредување на тротоарите на повеќе улици во градот. Со акцијата, покрај Гевгелија, се опфатени и населените места околу градот.
Инаку, пред извесно време, на веб-платформата што ја креира Општина Гевгелија за учество во креирањето на буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, најголем дел од предлозите на граѓаните се однесува на подобрување на патната инфраструктура. Граѓаните бараат асфалтирање и бетонирање улици и краци во населените места низ општината.