Денес на споменикот во село Цер кичевско, беше одбележана 113 годишнината од саможртвата на Христо Узунов и неговите соборци, кои за да не паднат живи во рацете на непријателот сами си го одзеле животот.
На денешното чествување во село Цер, најпрво учениците од ЦОУ „Христо Узунов“ од село Другово ја изведоа химната и песната за Узунов, три ученика од ова училиште прочитаа песни поврзани со овој настан, додека наставничката по историја Виолета Петкоска, прочита реферат поврзан со животот и делото на Узунов.
Подолго обраќање пред присутните имаше професорот во пензија Д-р Павле Митрески.
-Подвигот во селото Цер претставува финале на големата биографија на Христо Узунов. Во тој легендарен настан е вплетена цела историја на неговиот живот, дадени се оправдувања на идеите за кои живеел, на принципите за кои се борел. Во тој негов подвиг е искажана целата добродетел на херојот, да ја покаже на дело својата верност кон македонското ослободително дело, и да им служи како пример на останатите генерации. Трагедијата во Цер претставува крај на неговите желби и стремежи да се вивне кон светлите часови на слободата-истакна меѓу другото професорот Митрески.
Потоа пред споменикот букети свежо цвеќе положија делегации од родниот Охрид, училиштата со неговото име од Охрид и село Другово, АРМ и голем број почитувачи на делото на Узунов.
З.А.