ДЕЛЧЕВО
Прехранбени и хигиенски пакети неодамна добија 10 пензионери од Делчево што имаат ниски приходи и живеат во социјален ризик. Пакетите се дистрибуираа во согласност со евиденцијата на делчевското здружение на пензионерите, кое е и иницијатор на хуманитарната акција, а која се реализира со поддршка на Општина Делчево и Црвениот крст.
Градоначалникот Трајковски истакна дека Општината е перманентно активно вклучена во хуманитарни акции.
– Соочени со актуелната пандемија, со која живееме една година и која најмногу удира на ранливите категории граѓани, но и во пресрет на верските празници Велигден и Рамазан-бајрам, одлучивме да се вклучиме во хуманата мисија на иницијатива на Здружението на пензионерите и да им помогнеме на пензионери од нашата општина што имаат ниски приходи, но и да им покажеме дека не се сами, дека бараме начини да им помогнеме во секој аспект на живеењето.
Ја поздравувам оваа иницијатива на Здружението и изразувам благодарност до Црвениот крст во Делчево, за нивната подготвеност да им излезат во пресрет на луѓето на кои им треба помош. Сакам да истакнам и дека овие организации секогаш како партнер во хуманитарните мисии ја имаат и Општина Делчево – рече Трајковски.
Како резултат на оваа соработка, изминатава година во Делчево се поделени над 40 пакети на социјално загрозени семејства. Хуманите граѓани и фирми во Делчево ќе имаат можност да ја покажат својата хуманост во рамките на Неделата на солидарноста, која ќе ја организира Црвениот крст на Република Македонија.