Берово

И покрај сите други активности околу преземањето мерки и активности за справување со коронавирусот, Општина Берово работи и на уличното осветлување во туристичката населба Абланица. Како што информираат надлежните, уште еден дел од оваа населба во рамките на активностите за подобрување на условите за туристите, сега ќе добие далеку подобро осветлени улици.

– Паралелно со инсталирањето нови линии за улично осветлување и докомплетирање на постојните, Општина Берово врши и интервенции за отстранување на оштетените места за светилки и вградување нови. Годинава, туристичката населба Абланица ќе биде осветлена во најголем дел и со тоа ќе се придонесе за поголема безбедност на возачите и пешаците. Во периодот што следува, општината ќе продолжи со активностите за проширување на мрежата на јавно осветлување – соопштуваат одговорните од Берово.