„Стрежево“ инвестира над 320.000 евра во цевководната мрежа

Битола

И покрај проблемите што го следат работењето на компаниите поради коронавирусот, ЈП „Стрежево“ – Битола, покрај редовното и нормално функционирање на хидросистемот, своите активности и за време на пандемијата ги насочи за реализација на новите инвестиции во делот на подобрувањето на водостопанската инфраструктура.
Со новите инвестиции ќе се придонесе не само за непречена реализација на сите предвидени проекти туку и за зголемување на наводнуваните земјоделски површини што ги покрива системот, како и намалување на загубите од вода, со што ќе се создадат подобри услови за рентабилно земјоделско производство.

Ова го истакнуваат во ЈП „Стрежево“ каде што во тек е реализација на проектот за рехабилитација на главниот цевковод Г-1, кој ги опфаќа селата Драгарино -Могила и каде што деновиве се врши замена на дотраените цевки фи-500 милиметри со нови дуктилни цевки фи-600 милиметри во атарот на Општина Могила.
Со новата инвестиција од околу 327.000 евра се врши промена и на хидромеханичка опрема во селата Поешево, Кравари, Бистрица, Олевени и Жабени, односно се инсталираат линиските затворачи фи-600 милиметри на главните цевководи: 6Ц на потегот на селата Кравари – Оптичари, 7Ц за Бистрица и 8Ц, кој ги опфаќа селата Барешани – Жабени – Егри.

– Со имплементацијата на овој проект и воспоставувањето на примарната инсталација ќе се придонесе да се подобри ефикасноста при користењето на водите од акумулацијата „Стрежево“. Исто така ќе се добие и порамномерна распределба на водните ресурси, а ќе се воведе и парцијално исклучување на водоснабдувањето во случај на дефект на цевководот, со што ќе го добиеме посакуваниот ефект – економичност, користење, функционирање и одржување на хидросистемот „Стрежево“, како и воспоставување услови за поуспешно стопанисување во целост – вели првиот човек на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски.