Во Универзитетската библиотека во Битола, во детската читална, од понеделник, 13 јануари, два часа, од 11 до 13 часот, на децата, кои ќе дојдат во библиотеката, ќе им бидат читани бајки.

Ваквата новост вработените во НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола ја воведуваат со цел за време на зимскиот распуст, барем два часа да ги одвикнат децата од мобилните телефони. 

– Книгите се нешто волшебно. Тие им овозможуваат на децата да откријат нови светови, да запознаваат нови работи и да учат за минатото, но исто така имаат и преобразувачка моќ. Со поттикнување на детската фантазија, стимулирање на критичкото размислување и помагање во развојот на емпатија, читањето на децата им ги дава самите вештини кои им се потребни за да успеат на училиште, на работа и секојдневно во понатамошниот живот – велат во Библиотеката, од каде уверуваат дека раната конекција на детето со книгата е многу важна, бидејќи постои посебна, емотивна линија меѓу родителот и детето уште во раниот период, односно читање на таканаречените „приспивни приказни“, односно бајките.

М.М.