Со посни сармички, грав, риби, ракија и вино поставени на трпеза во центарот на Прилеп, беше одбележан празникот Св. Никола, заштитникот на градот.
Многубројните прилепчани дојдоа да го прослават заедно со домаќинот, семејството на Кирил и Кате Небрежанец и ЛС.
Семејството не го криеше задоволството што е домаќин на градската слава бидејќи ја почитува верата и традицијата.
Обраќајќи се пред присутните, меѓу кои и поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан, најголемата ќерка, од трите, на семејството, Бисера Небрежанец рече дека им било голема чест и гордост да се домаќини на овој голем празник.
– Како светец Св. Никола знаеме дека е заштитник, чудотворец, го штити нашиот град. Прилеп е престолнина на македонската гостопримливост и е дел од нашата богата македонска традиција што грижливо ја негуваме. Затоа на овој празник посакувам нашата градска слава да опстои уште многу години, да биде синоним на слободниот дух и гордоста на прилепчани. Да ја прославуваме уште долги години, преку нашите креативни мисли, идеи и нашата долговечна традиција – рече Бисера Небрежанец.
За празникот говореше и митрополитот преспанско пелагониски г. Петар, потенцирајќи дека не треба да се прави зло и побара да се воведе вероучение во училиштата.
Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, честитајќи ја градската слава, на годинашниот домаќин Кирил Небрежанец и догодишниуот кум Тони Турунџиески им подари икони.
Инаку, по повод празникот Св. Никола, кој во Прилеп е домашна слава на секое второ семејство, утрово во црквата „Св. Благовештение“ се одржа празнична литургија.
Св. Никола како празник за заштитник на градот беше прогласен пред 14 години.
Ка.М.