Базенот ќе биде според сите стандарди и ќе може да се користи за големи натпреварувања

Битола

Општина Битола ќе добие нов затворен пливачки базен, кој кон средината на оваа календарска година ќе почне да се гради во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола. Базенот ќе биде со должина од 25 метри и со широчина од 10 метри, енергетски ефикасен и што е најважно ќе биде рентабилен, затоа што ќе биде наменет пред сѐ за учениците од основните и од средни училишта, но ќе можат да го користат и граѓаните на Битола.
Кога советникот на СДСМ Методија Илиевски минатата година ја промовира оваа идеја, не само битолчани туку и малкумина од новинарите, кои ја следеа прес-конференцијата, а кои имаа(т) подолго паметење, не поверуваа во тоа.
Причина повеќе за таквиот скептицизам беше што идејата Битола да добие затворен пливачки базен е стара речиси три децении, но, за жал, до денес градот под Пелистер сѐ уште нема затворен пливачки базен.

Првиот проект во Битола да се изгради затворен пливачки базен беше промовиран во 1994 година, кога во дворот на техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ беше поставен и камен-темелник за изградба на затворен базен. Но иако од тој момент изминаа повеќе од 26 години од базенот нема ни трага, а не постои ни дупката каде што беше поставен камен-темелникот.
Подоцна, и сега веќе поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, пред локалните избори излезе со проект за изградба на затворен пливачки базен, кој требаше да се изгради до спортската сала „Младост“, но и од тој проект не се случи ништо и тој остана заборавен во некоја од фиоките на локалната самоуправа.
Токму затоа битолчани беа мошне скептични кога минатата година советникот Методија Илиевски повторно ја промовира идејата за изградба на затворен пливачки базен.

Но овој пат се чини дека таа идеја ќе стане стварност и конечно Битола по речиси три децении ќе добие затворен пливачки базен.
Имено во дворот на ОУ „ Даме Груев“ веќе неколку месеци забрзано се работи на изградбата на затворениот базен, кој се гради со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт.
– Овој проект треба да овозможи училишни рекреативни и спортски активности за тренинг, но и за натпревари од локален карактер во спортови на вода. Базенот, кој ќе чини околу 700.000 евра, пред сѐ, ќе биде користен за спортско-рекреативни настани во делот на училишниот спорт, каде што предност на користење ќе имаат основните и средните училишта, а во попладневните часови и граѓаните на Битола – нагласува Методија Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата.

За да види како се одвива изградбата на базенот, кој е лоциран во дворот на основното училиште „Даме Груев“, деновиве во посета на Битола беше директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.
– Мило ми е што и во услови на пандемија, кога можеби работите во целиот свет стојат, како централна власт заедно со локалната власт им даваме мотив и дополнителна вредност на капиталните инвестиции, а токму во Битола во моментот се градат неколку капитални спортски објекти. Верувам дека овој затворен пливачки базен ќе биде во функција за битолчани.

Со изградбата на базенот даваме дополнителна вредност во Општина Битола. Верувам дека најмладите ќе бидат главни корисници на овој пливачки базен, но и преостанатите ќе можат дополнително да го користат. Агенцијата за спорт и млади, која е носител на проектот за изградба на базенот, обезбеди 43 милиони денари, а со свои средства учествува и Општина Битола – изјави деновиве за време на посетата на Битола директорот на Агенцијата за спорт и млади Дарко Каевски.
Според проектот, затворениот пливачки базен ќе биде изграден според сите стандарди и ќе овозможува одржување на големи натпреварувања од национален и меѓународен карактер.
– Се радувам што Битола се најде на списокот на градовите за изградба на затворен пливачки базен. Со овој проект се овозможува анимирање на младите, пред сѐ на учениците, кои ќе можат да го користат базенот за школските активности, а ќе биде отворен и за граѓаните – нагласува градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Изградбата на затворен пливачки базен во Битола ја поздравува и заменик-министерката во Министерството за образование и наука Елизабета Наумовска.

– Првпат Битола ќе има затворен пливачки базен. МОН од самиот почеток ја препозна потребата за развивање на здрав спортски дух кај младите и затоа ја поттикнавме оваа поддршка на Агенцијата како што е изградбата на затворениот пливачки базен, кој ќе биде во функција и на наставните програми во ова и во другите битолски училишта – истакнува заменик-министерката за образование Елизабета Наумовска.
Инаку во Битола покрај затворен пливачки базен мошне интензивно се градат уште неколку капитални проекти за спорт.
Така, во градот под Пелистер во тек е изградбата на новата трибина на градскиот стадион „Тумбе кафе “, поставувањето рефлектори за осветлување, а забрзано се работи и на реконструкција на кугларница во спортската сала „Боро Чурлевски“, за што од Агенцијата за млади и спорт ќе бидат вложени 14 милиони денари.
Со реконструкцијата, новата кугларница ќе биде лиценцирана за одржување и на меѓународни натпревари.

– Знаеме дека една од капиталните инвестиции ни е стадионот, каде што досега Општина Битола вложи 1,6 милион евра. Во моментот имаме градежни зафати во низа образовни институции финансирани од општинскиот буџет во висина од над 127.000 евра, што покажува дека Општина Битола има сериозно поместување во делот на обезбедување инфраструктурни услови за спортистите во нашиот град. Паралелно со вложувањата во изградба и реконструкција на спортските објекти, локалната самоуправа максимално финансиски ги поддржува и спортските клубови, за кои досега се исплатени над 1,3 милион евра. Ако се земат предвид средствата што се издвоени за изградба на инфраструктурата и финансирањето на спортските клубови и здруженија се доаѓа до една сериозна сума на средства од неколку милиони евра, кои се издвоени за спортот, што покажува дека сегашната локална самоуправа сериозно е посветена на развојот на спортот и на тој начин се грижи граѓаните да ги имаат потребните предуслови за спорт и рекреација – нагласува градоначалничката Наташа Петровска.