Кичево
По иницијатива на друштвото на спортските риболовци „Хантер-фиш“ од Кичево, љубители на убавата природа и ентузијасти, се тампонира патот до и крај Осломејско Езеро. Овој пат беше во исклучително лоша состојба и беше многу тешко со возило да се стигне до езерото поради многуте дупки и нерамнини, кои ги создале возилата што се движат тука. Патот особено се раскопуваше во дождливиот период од годината.
– Здружението на спортски риболовци од Кичево „Хантер-фиш“ презеде иницијатива конечно да се среди патот до и крај Осломејско Езеро.
За заокружување на овој проект беше поведена акција да се соберат доволно средства, за да може оваа активност целосно да се заврши. И како многупати досега, во акцијата се вклучија поголем број донатори и помагатели, како од градот така и надвор од Кичево. Акцијата е во полн ек и работите на терен се одвиваат според очекуваната динамика, па наскоро очекуваме патот до езерото и околу него да биде саниран, дупките и нерамнините да бидат минато, а пристапот до езерото значително полесен – вели Бесмир Елези, претседател на ова здружение.