Гостивар
Започна изградбата на канализациската линија од селото Големо Турчане до Лопушник, долга 1.300 метри. Ова е инвестиција на Општина Гостивар, а работите ги врши јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар. Инаку, локалната самоуправа интензивно реализира различни инфраструктурни проекти на општинската територија. Се гради канализација и во повеќе градски населби и во рурални средини.
– Воочивме дека има потреба од ваква интервенција, затоа што многу населени места беа оставени без соодветна инфраструктура. Затоа ја презедовме оваа градежна активност за да обезбедиме квалитетна вода, канализација и слично, без кои населението тешко живееше.
Изградбата на канализациската мрежа ќе овозможи поврзување на многу постојни куќи што до денес немале канализациска мрежа, co што ќе се обезбедат хигиена и сигурност на животот за жителите од оваа населено место – вели Валбон Лимани, шеф на кабинетот на градоначалникот Арбен Таравари.
Развојот на водоводната и канализациската мрежа продолжува со забрзан интензитет, за да се обезбедат подобри услови за живот за сите граѓани на Гостивар, без оглед дали живеат во градот или во селата. Надлежните напоменуваат дека за помалку од три години, Општина Гостивар има изградено над 47 километри канализациска мрежа.