Семакедонски собир по повод 147-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев се одржува во Прилеп, а на кој присуствуваат Македонци кои живеат во соседните земји. Средбата под мотото „Македонскиот јазик е нашата татковина“, се одржува по 17 пат, а организатор е граѓанската иницијатива за национална, културна и европска интеграција на македонскиот народ „Не има“.  

Целта е да се подигне свеста за зачувување и изучување на мајчиниот јазик на Македонците кои живеат во соседните земји и во дијаспората.

-Македонскиот јазик е мајчиниот јазик на Македонците и единствен официјален јазик во Република Македонија. Неприкосновено е правото на говор на мајчиниот македонски јазик, како и правото на отворање на школи за македонски јазик секаде каде што живеат Македонци, бидејќи „јазикот е нашата татковина“- велат учесниците на собирот.

За Стојан Николов Георгиев од „ОМО Илинден“ убава е иницијативата и многу е битно почитувањето на јазикот, додека Ангел Митревски, член на Советот за национални малцинства во Хрватска го нагласува одличното искуство за почит на национално малцинство во Хрватска.

-Имаме 25-годишни позитивни искуства на македонската заедница во Хрватска составена од 6 здруженија. Ги искористивме сите права што ни ги дава уставниот закон за малцинствата. Имаме отворено 8 паралелки со изборен јазик – македонски во основни, а последните четири години, и три паралелки во средни училишта. Со влегувањето на Хрватска во ЕУ, практично и македонскиот јазик го внесовме во Унијата – посочи Митревски.

Учесниците потпишаа и заедничка декларација за меѓусебна доверба и соработка околу прашањата за образованието на македонското малцинство во согласност со сите меѓународни договори и конвенции.

Ка.М.